Проблемите помеѓу учениците од различна етничка припадност треба да се решаваат низ дијалог и воннаставни активности во кои младите ќе се дружат и ќе учат да дебатираат. Ова беше истакнато на 11-та по ред Напредна обука по дебата што во организација на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија вчера се одржа во Охрид.
На обуката учествуваа четириесетина ученици од средношколските центри „Ибрахим Темо“ и „Нико Нестор“ од Струга.
– Заедно со мисијата на ОБСЕ во Скопје, почувствувавме дека има потреба од креирање воннаставни активности кои ќе овозможат комуникација и интеракција меѓу учениците, бидејќи сметаме дека поставеноста на самиот образовен систем каде учениците немаат допир меѓу себе, одат на посебни екскурзии и одвоени матурски забави, не можат да доведат до разбирање и соработка туку доведуваат до несакани појави, пред се поради тоа што доволно не се познаваат меѓу себе, истакна Ана Бојаџиевска, проект-координатор на работилницата.
Овој проект се спроведува од мај минатата година кога се случија меѓуетнички инциденти во двете средни училишта во Струга, по што беше иницирана поделба во т.н. јазични смени. Досега на обуките од двете училишта минале околу 270 ученици во мешан етнички состав.