Со премиера на детската претстава „Свињарот“ од Ханс Кристијан Андерсен, во недела на 15-ти февруари, охридскиот Народен театар ќе ја започне пролетната театарска сезона. Во претставата играат актерите Филип Кипровски, Елизабета Стефановска, Сашо Ристовски и Билјана Билаловиќ, под раководство на младиот режисер Ѓорѓи Ризески.
-Ова е претстава за искрената љубов која ако се потцени, наместо најубавите се случуваат најлошите работи во животот. Во претставата имаме еден принц кој со најискрена љубов и со најискрени чувствa тргнува во соседното царство да ја запроси принцезата и сите очекуваат да се случи хепи енд, но принцезата е свртена повеќе кон материјалните работи, а не кон тоа што вистински и го нуди принцот, вели Ризески.
Младиот актер Филип Кипровски, кој е дел од новопримените актери во охридскиот театарски ансамбл вели дека претставата има и забавен и едукативен дел.
-Претставата има за цел да ги забавува и да ги едуцира гледачите, не само од аспект на пораката која ја даваме туку и општо за театарот и да ги навикне малку повеќе на размислување, дека не е се така едноставно во реалниот живот и во врска со љубовта, но и во врска со многу други теми кои ги опфаќаме во претставата, рече Кипровски.
Претставата која е со времетраење од 45 минути започнува во 12 часот, а средствата кои ќе бидат собрани од влезниците ќе бидат донирани за помош на жителите од поплавените подрачја во Република Македонија.
Во рамки на пролетниот репертоар, охридската публика ќе има можност да ги погледне претставите „Детектор за лаги“ и „На дното“ како и премиерата на претставата „Вечера за глупаци“ во режија на Ирена Стериоска.
Е.М