На денешната 40- та седница, советот ја усвои предлог- одлуката за изменување и дополнување на Буџетот на единицата на локалната самоуправа за 2015 година. За опозицијата ребалансот на буџетот по само неколку месеци од неговото носење, значи влегување во финансиска нестабилност. Тие со забелешки и дека средствата добиени по пат на продажба на земјиштето на кое ќе се гради автобуска станица, поради што и се прави ребаланс, не се користат за развој на градот, туку како што велат, за помали комунални проблеми.

Ние по три месеци од донесување на буџетот влегуваме во зона на една финансиска нестабилност, ново финансиско планирање на буџетот. Имаме прилив на 42 милиони денари, но најтрагично е што до овие зголемени приходи се дојде со продажба на земјиште, што е најтрагичен можен начин за зголемување на приходите. Продадовме едно свето место, земјиште на кое беше старата локација на гробиштата. Жално е што тие средства не се користат за развој, туку за комунални проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Ја разбираме желбата на граѓаните за јавна чистота, за паркови, но ако сакаме да влеземе во зона на развој на општината мораме дел од парите да ги насочиме во развојни, профитабилни проекти кои ќе овозможат прилив на нови средства, смета советникот Јован Стојаноски од СДСМ.

Градоначалникот Никола Бакрачески објаснува дека сегашниот ребаланс на буџетот бил неопходен поради приливот на средствата, со цел да се предвидат понатамошните расходи.

Се она што ние како локална самоуправа го правиме е за долгорочно добро на градот и граѓаните, без разлика колку краткорочно и непопуларно тоа на некого му изгледа или не се согласува со нашата политика за развој на градот.Општинската сметка е блокирана и судот има издадено рамка за висината на средствата со кои ние во текот на месецот може да располагаме. Оние кои ги добиваме средства не може да ги чуваме за во иднина, тие мора да се реализираат во рамки на судскиот лимит и мора да се распределат, затоа се предлага ребаланс на буџетот со што во добар дел ќе се исплатат обврски кон доверителите на кои им должи со години општината, што е и наша одговорност, рече Бакрачески.

Градоначалникот додаде дека дел од средствата ќе бидат искористени и за реализација на инфраструктурни зафати, со цел подобрување на животот на граѓаните.

Т. К.