Со дефиле низ охридските улици и низа активности, општинската Територијална противпожарна единица го одбележа 20-ти мај, Денот на пожарникарството во Република Македонија.
Како што потенцира командирот Спасе Прентоски, охридската противпожарна единица технички и кадровски е екипирана во секој момент подготвено да одговори на предизвиците и задачите во текот на 365-те денови во годината.
– Нашата служба располага со седум противпожарни возила и доволен број на кадар со цел навреме да се одговори на задачите, како што се гаснење на пожари, спасување на материјални вредности и имоти на граѓаните на Охрид и Дебрца и пошироко. Најзначајно е граѓаните навреме да пријавуваат на телефонскиот број 193 како нашите служби би имале успешна и навремена интервенција, потенцира Прентоски.
Прентоски нагласува дека следува период во кој вообичаено бројот на предизвикани пожари на отворен простор е поголем. Затоа со апел до граѓаните да не палат оган на отворен простор, поради можноста за негово брзо проширување поради високите температури и сувата вегетација.
Општинската Територијална противпожарна единица денес ја посетија и градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, заменик градоначалникот Ангел Јанев и секретарот Димитар Спасески честитајќи им го празникот на пожарникарите и посакувајќи им што помал број интервенции во перидот кој следува.
OhridNews