Доколку државата наскоро не го завши процесот на денационализација за имотите во Градиште наследниците најавуваат дека ќе преземат порадикални мерки, а дел од нив размислуваат и да го променат државјанството.

– Имам сознание од некои постари баратели на имот дека се подготвени да земат бугарско или некое друго државјанство и имотот да го бараат преку меѓународните институции, вели Ѓорѓи Танески од здружението на наследници на имоти во Градиште „Оревче“.


Ѓоко Танески

Тој најави дека доколку државата наскоро не го завши процесот на денационализација за имотите во Градиште наследниците ќе го блокираат познатиот авто камп.

Процесот на денационализација на имотите во Градиште кој го иницираа сто и педесет наследници од 36 фамилии од охридско Пештани започна во 2000 година. Наследниците обвинуваат дека целокупната постапка тапка во место и се одолговлекува со цел тие да не ги добијат своите имоти кои се протегаат на 15 хектари атрактивно земјиште. Тие посочуваат дека на имотите кои очекуваат да ги наследат делумно е изградена и наколната населба во Градиште. Велат дека не реагирале на тоа затоа што биле убедувани од Владата дека проблемот ќе биде решен.

Ни беше ветувано од премиерот дека за брзо време ќе биде решен овој наш повеќегодишен проблем. Но, Второстепената владина комисија носи три различни решенија и се оди така во бескрај, рече Танески.


Авто кампот „Градиште“

Танески тврди дека на просторот кој е предмет на денационализација сопственици на камп приколките, меѓу кои според него имало и високи функционери, секојдневно се градат објекти од цврста градба, за што биле информирани надлежната инспекција и правобранителот, кои како што рече, не реагирале.

Ohridnews