Околу 700 деца од општините Охрид и Дебрца, беа дел од денешната Бадникова поворка што седма година по ред се одржува во Охрид. Пеејќи ја коледарската песна „Вечниот Бог“ низ охридските улици и чаршијата, младите симболизирајќи ги ангелите го најавија Христовото раѓање.
На плоштадот „Св. Климент Охридски“ кај Божикната пештера што е подарок од Бигорскиот манастир, Св. Јован Крстител, коледарчињата ги пречекаа градоначалникот Константин Георгиески и директорите на јавните претпријатија кои ги даруваа со божикни пакетчиња.
- Возвишено е чувството, да се биде дел од оваа културно – верска манифестација во која учествуваат нашите најмили, децата кои со старохристијанската коледарска песна го најавуваат Христовото раѓање. Возобновувањето на оваа традиција е секако за поздравување затоа што преку неа најмладите се запознаваат подлабоко со суштината на нашата вера, со значењето на Христовото раѓање. Секогаш мора да си ги познаваме своите корени, своите традиции за да градиме успешна и посветла иднина за сите нас. Во оваа прилика им го честитам големиот христијански празник Божик на сите православни Христијани, со надеж дека ќе го минат во добро здравје, со ведра мисла и спокој, опкружени со љубовта на своите најблиски, рече градоначалникот Георгиески.
- Нашата држава стана препознатлива со овие поворки. Честит Бадник и Божик за сите верници и нека овие бадникови поворки бидат за духовен раст и радост, вели Летка Филипова од организациониот одбор.
Младите коледари денес беа примени и од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски во вилата Билјана, кој им посака многу среќа, добро здравје и успеси во Новата година.
Бадниковата поворка е една од најмасовните културно- верски манифестации што се организираат по повод големиот христијански празник Божик. Организатор на настанот кој е поддржан од општина Охрид, е Здружението за грижа и воспитување деца.
OhridNews