Со 62 гласа „За“, 51 против, македонското Собрание вечерва ја изгласа новата Влада, на чие чело ќе биде лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Тој во своето обраќање непосредно пред гласањето најави дека фокусот на новата влада во наредниот четиригодишен мандат ќе бидат економијата и внатрешните прашања.

Се обврзуваме дека чесно ќе им служиме на граѓаните за подобра перспектива на сите. Нашите залоижби ќе бидат праведен правен систем, модерно европско образование кое ќе продуцира едуцирани млади луѓе кои работа ќе наоѓаат тука, ќе градиме подобро здравство и ќе бидеме сервис на сите граѓани. – рече премиерот Заев.

Тој истакна дека земјата нема отворени етнички прашања и  отворени прашања со соседите. Сега сме членка на НАТО и имаме покана за почеток на преговорите, истакна Заев.

Најавувам целосна посветеност на економијата, намалување на сите непродуктивни трошоци на државата, јакнење на стандардот на граѓаните. Младите мора да ги одвратриме да бараат работа во државната администрација, туку да креираат сопствени бизниски и да заработуваат повеќе. Претстои пред сите нас стабилен политички период и треба да ја зграпчи секој граѓанин таа можност. Подршката од државата ќе ја добиете преку мерките за поддршка. – порача Заев.

Старо-новиот премиер најави борба против сивата економија, брза и навремена поддршка на најсиромашните и на оние на кои најмногу им треба помош.

Побогатите ќе мора повеќе да плаќаат кон државата, да понесат товар да се зголеми стандардот на граѓаните, втор, трет стан, имот кој долго не се користи ќе бидат дупло и тројно оданочени. – најави Заев.

Премиерот Заев најави правичен и одговорен правен систем, прочистување на судскиот систем и изградба на европски правен систем.

Борбата против криминалот и корупцијата ќе биде приоритет, законот мора да важи за сите, а најодговорни мора да бидат носителите на јавните функции. – рече Заев.

На опозицијата и порача дека сака да соработуваат за прашањата од интерес за граѓаните и државата и ја повика да биде конструктивна.

Во септември 2021 нашата татковина ќе одбележи 30 години самостојност. Во таа 1991 година претстедалот Глигоров и премиерот Кљусев иако од различни политички опции се обединија за интересот на граѓаните. Дајте и ние да се обединиме барем за прашањта кои се во интерес на сите граѓани, да не видат обединети пред големиот јубилеј. – повика Заев.

Г.М.