Со 300.000 денари ќе се збогатува библиотечниот фонд во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Струга, средства одобрени преку годишната програма на Министерството за култура.

Директорката на центарот за култура „Браќа Миладиновци“, Николина Велкоска – Глигороска, под чија надлежност е и библиотеката, информира дека по 150.000 денари се одобрени за книги на македонски и на албански јазик.

Ценејќи ги барањата на читателите во струшката библиотека како установа постојано со финансиски средства од Министерството за култура се набавува библиотечен книжен фонд и тоа на македонски и на албански јазик. Застапени се лектирните изданија за ученици од основното и средното образование, а исто така се набавуваат и романи, стручна литература како и дела од роднокрајни автори, изјави Велкоска – Глигороска.

Библиотеката, според неа, има од 600 до 700 членови годишно од сите возрасти.

Во нашата библиотека членуваат лица од сите категории, ученици, студенти, пензионери, вработени и невработени лица. Членовите не се само од градот Струга, туку и од речиси сите населени места на подрачјето на нашата општина, вели директорката.

Од слободната литетарура најбарани автори биле Себастијан Фицек, Сара Џио, Кристин Хана, Геритсен, Јелена Бачиж- Алимпиќ, а од домашните автори се барале делата на Мирјана Проданова, Милијана Павлоска, Дора Попова, Венко Андоновски, Горан Стефановски, Јован Стрезоски…

OhridNews