Македонската фудбалска репрезентација попладнево, во Леирија, ќе одигра контролен натпревар со една од најсилните светски селекции, Португалија, која на теренот ја предводи еден од најдобрите играчи на денешницата, Кристијано Роналдо.

Мечот со официјално петтата светска фудбалска сила, ќе биде добра можност избраниците на селекторот Џон Тошак, да го поправат впечатокот за февруарскиот болен и срамен пораз од Луксембург.

Велшанецот на клупата на нашата репрезентација за овој и следниот меч со Ангола, реши да внесе некои промени во тимот, со што значително ја подмлади селекцијата (во екипата се повикани шестмина играчи од селекцијата до 21 година).

Можно е Тошак на оваа средба да ја испроба и тактичката варијанта, која добро функционираше во времето на Среќко Катанец, со тројца играчи во последната линија, петмина во редот за врска и двајца напаѓачи.

Мечот со Македонија е првиот од двете проверки, кој Португалците ќе ги имаат пред да заминат на Еуро 2012 во Полска и Украина.

Она што португалските медиуми го најавуваат е дека нивната најголема звезда, Кристијано Роналдо, мечот ќе го започне од клупата за резерви, а шанса за игра од селекторот Паоло Бенто ќе добие во второто полувреме.

Натпреварот во Леирија ќе започне во 18:15 минути, по мечот „црвено-жолтите“ ќе се преселат во Есторил каде а 29. мај ќе одиграат пријателски меч со Ангола.