Со вакцинација на двајца здравствени работници, претпладнево во модуларната болница во Скопје почна процесот на имунизација во земјава. Пунктот во модуларната болница ќе има шест вакцинални позиции, кои ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.

Првиот ден е предвидено вакцинирање на 260 здравствени работници, од вкупно 4000-те пријавени за вакцинација. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

До сега над 70 илјади граѓани се пријавиле за вакцинирање, 50 илјади преку онлајн апликацијата, а 23 808 преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

Во земјава пред четири дена од Србија пристигнаа првите 4680 од предвидените 8000 дози вакцини од производителот „Фајзер“. До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“.

Пред почетокот на вакцинацијата, Институтот за јавно здравје регистрира зголемен бројот на нови случаи со Ковид-19 во однос на минатата недела. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 8 до 14 февруари се тестирани вкупно 16.299 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 13,2 отсто во однос на минатата недела, соопшти вчера Министерството за здравство.

Пријавени се 43 смртни случаи од 14 градови, што е за 34,8 отсто помалку во однос на минатата недела.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.519 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 24,2 отсто помалку во споредба со минатата недела.

Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти на вирусот, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на внес на нови случаи на Ковид-19 од странство.

OhridNews