Со 2,3 милиони денари, средства од Министерството за култура ќе се осовременува постојната природонаучна поставка во музејот „Д-р Никола Незлобински“, кој е еден од најстарите во Југоисточна Европа.

Министерството за култура соопшти дека за Музејот во Струга се обезбедени средства и за третата фаза од обновата на музејските депоа, како и за презентација на ранохристијанските мозаици од базиликата во селото Октиси од 5 век во новоизградениот објект – Конаци.

Тема на посетата на националните установи во Струга, на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, според соопштението, биле тековните активности и предвидените проектите, но и проблемите со кои се соочуваат во текот на своето работење.

Двојно се зголемени буџетските средства за финансирање проекти во сите дејности во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, при што се предвидени средства и за целосна реконструкција на платото пред установата, односно пред влезот на Летната сцена.

Со два милиони денари ќе се реконструираат покривот и фасадата на спомен домот „Браќа Миладиновци“, каде што се наоѓаат работните простории на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, соопшти Министерството за култура.

За 61. издание на еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, годинава се издвоени десет милиони денари, а на Светскиот ден на поезијата ќе биде соопштен и лауреатот на СВП за 2022 година, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“.

OhridNews