Снегот кој изминатото деноноќие наврна во Охрид, не предизвика поголеми проблеми. Клучните градски сообраќајници на време беа третирани со абразивни средства, а службите на ЈП „Охридски Комуналец“ интервенираа со механизација и физичка сила на сите критични места.
Снегот не не’ изненади. Веднаш беше активиран дежурниот оперативен тим за справување со првиот снежен бран. Ангажирана беше целокупната расположива механизација и дежурните екипи кои го расчистуваа снегот од јавните пешачки површини и тротоари. По коловозите се интервенираше со специјална механизација за чистење на снежната покривка и се нанесуваа абразивни средства. Интервенирано е во У.З.Стар Град, потоа до селата кои гравитираат до повисоки места, како Велестово, Коњско, Елшани, пофреквентни пешачки површини како чаршијата, кејот, патеката од канал Студенчишта до Горица и др. Остануваме во мобилна состојба во текот на ноќта во зависност од временските услови, соопшти ЈО „Охридски Комуналец“.
До јавните служби пријавени се оштетувања на стари дрвја кои попуштиле од тежината на снегот. Се преземаат мерки за отстранување на опасноста по имотот и луѓето.
РЦУК Охрид, известува дека сообраќајот се одвива редовно во зимски услови и влажни коловози. Сите патни правци се проодни за сообраќај.
Г.М.