Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива исклучително отежнато и забавено во зимски услови со големи остатоци од снег на коловозите поради врнежите од снег. Особено отежнат сообраќај е забележан на планинските превои во западниот дел од државата-информираат од АМСМ.

Поради интензивните врнежи од снег забрана на сообраќајот за сите видови возила има на патните правци Маврово-Дебар-Струга-Ќафасан, а на патот  Гостивар-Стража-Кичево е забрането сообраќање на тешки товарни возила, информираат од ЈП „Македонија пат“.

Отежнато и со задоцнување од половина до 2 часа се одвива и автобускиот сообраќај.
Врнежите од снег ќе продолжат и во текот на денешниот ден, а се очекува да престанат в недела, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи ден.

Поради ваквите отежнати зимски услови за сообраќај, на сите возачи им препорачуваме исклучително внимателно да ги управуваат своите возила и да ја прилагодат брзината на движење на забавените услови. Очекувано е во текот на вечерните часови условите за сообраќај да се влошуваат и поради тоа не се препорачува патување во доцните вечерни часови. Особена внимателност низ клисурите каде е почеста појавата од поситни одрони. Интензитетот на сообраќај е умерен надвор од градските средини, предупредуваат од АМСМ.

OHRIDNEWS