Снегот и ниските температури деновиве, но и ниските температура пред дваесетина дена предизвикаа значителни штети кај овошките во Охридскиот регион. На ова посочуваат земјоделците кои велат надлежните мора да преземат одредени мерки со кои ќе им помогнат да ги заштитат овошните насади од временските непогоди.

Штетите во земјоделието се големи, особено на овошните насади, сметајќи дека во Охрид и охридско целосно е расцветана сливата, некои порани сорти на цреша, но големи измрзнувања има и кај охридската цреша и јаболка. Од тоа што можев да го видам на терен сабајлево штетите на места се 95-99%. Дел од овоштарите преземаат мерки со поставување на прскалки со вода таканаречен анти фрост систем, но ќе видиме за ден-два и колкави ќе бидат штетите и таму бидејќи вчеравечер температурата на некои места падна на -8 степени. Штетите допрва ќе се пријавуваат, чекаме да помине бранов, да видиме до кај сме, вели Николче Милески.

Потенцира дека од Министерство за земјоделство треба да излезат на терен и да се направи некој план за во иднина, имајќи предвид дека климатските промени имаат голем удел.

Подобро да субвенционираат анти фрост систем, заштита со мрежи од град …, бидејќи вака со секое измрзнување или град чекаме исплата на штети за да протуркаме, а моделот со осигурување се покажа како крајно неефикасен, односно во изминатите години проценките од проценителите во осигурителните компании беа крајно нереални, па сметам дека и тука е потребна некоја законска регулатива во насока на начинот на проценка, истакнува Милески.

Покрај заштитата од мраз и град, вели, под итно Министерството за земјоделство треба да постави метеоролошки станици по полињата, како земјоделците би имале реален увид не само на температурите, туку би помогнале во заштита на овошните насади.

Ванчо Стојаноски се навраќа и на студените ноќи и сланата пред дваесетина дена кога вели големи штети претрпеле праските, касиите и сливата кои веќе биле расцветани, но и дава одредени препораки.

Пластеничкото производство најголем дел од охридскиот пазар го снабдуваат наши градинари. Некои веќе го расадија доматот, но моја препорака е никогаш пред 15 април да не се расадува, бидејќи и да не измрзне во вакви релативно свежи ноќи ќе има последици. Препорака посебно до овоштарите во вакви ризични временски периоди и цутните папки што ќе преживеат прашање е дали ќе се оплодат ако немаме пчели. Ако ги оплоди пчела 80% ќе бидат успешни, ако не 20-30%. Препорака до овоштарите да стационираат сандаците со пчели близу своите насади. Пчелата е многу битна како за подобро опрашување, така и за покрупен плод и плод со подобра боја и вкус, додава Стојаноски.

Тој вели дека среќна околност што вчера ноќта беше облачно и заврна снег што не дозволи спуштање на температурата длабоко под нулата како што се стравуваше.

Ќе има релативно некои оштетувања ама не колку што се најавуваа со спуштање на температурата под -2,3… Уште оваа ноќ ако биде релативно облачно ќе го пребродиме овој кризен период, вели Стојаноски.

Штетите од неповолните временски услови не само што ќе се одразат на производството и понудата на овошките, туки и врз семејствата во охридскиот регион кои исклучиво егзистираат од земјоделие.

Н.С.Ј.