Врнежите од снег го вратија во кондиција Охридското Езеро. Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на езерото е на 37 сантиметри над нутлатата кота точка се наоѓа на 693,17 метри надморска височина. Поволната хидролошка состојба се очекува и натаму да се задржи особено поради најавите за топење на снежната покривка на планините наредните денови, кога се очекуваат повисоки дневни температури.
Снегот го врати Охридското Езеро во кондиција
Минатата година во ова време нивото на Охридското Езеро падна под минималната кота, што се должеше на сушата и испуштањето на вода за потребите на електросистемите на Македонија и Албанија. Токму минатогодишниот драматичен пад на нивото на Охридското Езеро иницираше Владите на Македонија и Албанија и официјално да најават ревидирање на неколку децении стариот билатерален договор со кој се одредува најниската точка под која не може да се испушта водата од Охридското Езеро за потребите на електросистемите на двете земји.
На ревидирање на договорот инсистираат и експертите од Хидробиолошкиот институт од Охрид, според кои договорот постигнат кон средината на минатиот век денеска е неодржлив, со оглед на изменетите климатски услови кои негативно влијаат на водостојот на Охридското Езеро.