Обилните врнежи од снег и неисчистените коловози создадоа вистински метеж на планинскиот премин Стража, поради што автобусите на АД „Галеб“ кои сообраќаа од и кон Скопје во текот на попладневните часови вчера доцнеа со часови. Автобусот од кој во 15 часот тргнал од Охрид во Скопје пристигнал во 22 часот, додека автобусот кој во обратен правец тргнал во 16.30 часот во Охрид пристигнал во 23 часот. Поради снегот автобусот за Црна Гора од Скопје воопшто не тргнал.

Причина за доцнењето како што не информираа од компанијата бил нерасчистениот пат и неадекватната реакција на надлежните служби. Од „Галеб“ велат дека вчера екипите на „Македонија пат“ ненавремено реагирале, а полициjата задоцнето вовела забрана за движење на тешки моторни возила кои заглавиле на снежниот коловоз. Сето тоа придонело да се создаде сообраќаен метеж поради што со часови се пролонгирало патувањето од Охрид кон Скопје и обратно.

– АД „Галеб“ им се извинува на своите патници за непријатностите кои ги доживеаа во текот на нивното патување вчера, иако вина и одговорност за тоа сносат надлежните служби кои затаија во чистењето на коловозот од снегот, односно ненавремено беа отстранети од сообраќај тешките товарни возила, што предизвика сообраќаен колапс.-велат од АД „Галеб“.


Снегот предизвика сообраќаен колапс на Стража

Сообраќајот на планинскиот превој Стража денеска околу 10 часот е нормализиран и укината е забраната за тешки товарни возила. Сообраќајот на останатите магистрални и регионални патни правци  се одвива по влажни коловози и со помали остатоци од снег на повисоките места. Послаби врнежи од снег се забележани на планинските превои Буково, Ѓавато и Пресека, но без забрани и ограничувања. На возачите им се препорачува крајно внимателно возење, прилагодување на брзината на движење и одржување на потребното растојание помеѓу возилата.

Ohridnews