Со прогласувањето на вонредната состојба, вонредните политики ќе можат полесно да се носат. Ве уверувам дека вонредната состојба ќе ја совладаме на најдобар можен начин. Треба да се однесуваме одговорно и да ги почитуваме препораките, рече на денешната прес конференција премиерот Оливер Спасовски. Ги повика граѓаните во целост да ги почитуваат препораките за да нема потреба од воведување дополнителни мерки за ограничување на движењето.
- Вонредната состојба ќе трае 30 дена, а доколку е потребно и повеќе. Ова не значи дека ќе замре животот. Се продолжува да функционира како и вчера. Нема нови одлуки за ограничено движење на граѓаните, освен оние кои важат за граѓаните на Дебар и центар Жупа, рече Спасовски, потенцирајќи дека и понатаму остануваат мерките за збрана за јавни собири.
Тој испрати и порака до највозрасната популација да остане дома. Доколку имаат некаква потреба да бараат помош од волонтерите во општините или во Црвениот Крст.
Премиерот потенцира дека секој кој не ги почитува препораките за задолжителна самоизолација ќе сноси санкции. Додаде дека стоковиот промет непречено се одвива, а со тоа и снабдевањето на продавниците и аптеките со производи, поради што граѓаните не треба да прават големи залихи од храна и лекови.
Она што е различно, по прогласувањето на вонредната состојба, рече министерката за правда, Рената Дескоска, е можноста Владата да носи уредби со законска сила.
- Во услови на вонредна состојба, ограничувањето не смее да се однесува ни на правото на живот, на мачење, на правна одреденост на казните, уверување, совест, мисла, јавно изразување мисла и вероисповед. Наша заложба е ограничувањата да бидат само во нужни околности. Затоа апелирам сите доброволно и совесно да ги почитуваме мерките на Министерството за здравство и на владата, за да нема построги ограничувања. Сакам да потенцирам дека самото прогласување вонредна состојба не значи забрана на движење, полициски час или затворање продавници. Важат мерките кои до сега се донесени од Владата. Практично, исто е како пред воведување вонредна состоја, само што сега Владата има поголеми надлежности, посочи Дескоска.
Т.К.