Смиле Наумоски, писател од Охрид, е добитник на првата награда во вредност од 30.000 денари за расказот „Пред црковните порти“. Добитник на втората награда во вредност од 20.000 денари е Димитар Пандев кој е автор на расказот „Приказна за Џељадинбега,но и за други“. Автор на третонаградениот расказ „Екот на векот“ и добитник на 10.000 денари е Томе Богданоски, соопшти жири комисијата.
На Конкурсот за најдобар расказ со тематика сврзана за Охрид што годинава го распиша Општина Охрид во знак на сеќавање на познатиот македонски писател Живко Чинго, пристигнаа вкупно 44 раскази.
„Прво наградениот расказ е со висок степен на литературна писменост а по стилот потсетува многу на делото на Живко Чинго“, изјави непосредно по прогласувањето на победниците на конкурсот, претседателот на жири Венко Андоновски.
Наградите на победниците на конкурсот ќе им бидат врачени на 13 август на манифестацијата „Вечер на Живко Чинго “што ќе се одржи кај спомен бистата на писателот во с. Велгошти.