Регионалната комисија за денационализација со седиште во Охрид од денеска има нов претседател. Имено, со решение на министерот за финансии д-р Трајко Славески за нов претседател на Комисијата за одлучување по барањата за денационализација за општините Охрид и Ресен денеска е назначена Милка Славковска од Министерството за финансии. Славковска доаѓа на местото на Славко Лазовски кој е разрешен од функцијата.
Разрешен досегашниот претседател на Комисијата за денационализација-Славко Лазовски
Од Министерството за финансии велат дека смената на претседателот се врши заради зголемување на ефикасноста на комисијата за денационализација која од неодамна има и повеќе нови членови. Оттаму информираат дека сега веќе разрешениот претседател не го исполнувал месечниот минимум од 100 решени предмети како и дека постоеле и повеќе други пропусти во постапките за враќање на имотите во Охрид.
Разрешениот претседател на комисијата го отфрла ваквото објаснување. Тој вели дека комисијата за денационализација под негово воство била постојано меѓу првите 4 по бројот на решени предмети. Лазовски отворено се сомнева дека можеби причина за неговата смена е изјавата што тој ја даде во врска со предметот за враќање на наследниците на атрактивната вила Лепа на Плаошник каде е сместена резиденцијата на владиката Тимотеј. Од министерството за финансии демантираат дека посочениот случајот е причина за смената на Лазовски, но му замеруваат за објавувањето на информациите поврзани со овој случај бидејќи тој сеуште не е завршен.
Вилата „Лепа“
Вилата Лепа која се наоѓа на атрактивна локација до светиклиментовиот храм Свети Пантелејмон на Плаошник ја побаруват наследниците на познатиот охридски адвокат Демостен Манев. Министерството за финансии најави дека одлуката по ова барање ќе биде донесена за еден месец.
ohridnews