Интензивно течат подготовките за отварање на Службата за спасување на планина која ќе располага со најсовремена опрема во регионот и нов центар, со што ќе се придонесе за покачување на нивото на безбедност на авантуристичкиот туризам.

Опремата се очекува да пристигне, а во јули е предвидено да зпаочне и изградбата на центарот кој ќе се наоѓа во близина на новата автобуска станица.

  • Првиот квартал од проектот Регионот Охридско езеро-безбедна дестинација за авантуристички туризам кој трае две години, е завршен. Завршени се и сите тендерски процедури за набавка на целокупната опрема, најсофистицирана која досега во Македонија и пошироко ја немало. Почнавме со процедура за објавување на тендер за градба на современ модерен центар за спасување на планина, стар магацин на Црвен крст кој сега ќе добие сосем нов лик, оперативен дел, простории за одмор и престој, канцеларии, санитарен дел, тренинг центар со вештачка карпа со услови за тренирање на сите техники за спасување на непристапен терен, вели Антонио Додевски координатор на проектот.

Обезбедени се две теренски возила со кои ќе се интервенира и кои ја имаат неопходната опрема за давање прва помош на повредени лица.

  • Во план е да се вклучат и сите туристички работници во еден процес на обука, со цел да можат да ги користат придобивките од постоењето на ефикасна служба за спасување на планина при креирање на нивните туристички производи. Ќе почне изработка и на специјален софтвер кој ќе биде база за оперативниот центар за спасување и ќе има и мобилна апликација со чија помош, луѓето во регионот, ќе можат да добиваат едноставни информации за безедноста, метеоролошка состојба, информации за интересни локации, но клучно е што ќе има тастер за СОС повик со чие пристискање веднаш во нашиот оперативен центар ја добиваме точната локација на местото на несреќа и број и ние ќе можеме веднаш да контактираме и реагираме, објаснува Додевски.

Додевски ја потенцира неопходноста од функционирањето на една ваква служба за регион како нашиот, каде во зародиш е авантуристичкиот туризам, кој во светски рамки овозможува голема заработка. Кај нас има идеални услови за негов развој, но пресудни се безбедноста и  да има ефикасен систем за менаџирање со ризици.

  • Колку повеќе расте бројот на ваков вид туристи толку повеќе се зголемува и бројот на несреќи. Една изведена лоша спасителна акција на странски туристи може да доведе до прекин на соработката со тој тур оператор кој ги носи гостите. Нам тоа не смее да ни се случи, додава Антонио.

Со проектот освен општина Охрид, се опфатени и општините Струга, Дебрца и Вевчани.

Наскоро почнуваат и обуки за спасувачи на планина. Заинтересираните треба единствено да се љубители на природата, да се активни и се движат во планина.

Т.Кувенџиска