„Слушнете ги нашите приказни“, е настанот со кој Порака Нова, Здружение на слепи лица Струга и Здружение на глуви и наглуви лица Струга ќе го одбележат 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Целта на настанот е се слушнат, видат и да се прочитаат личните и општествените борби на лицата со попреченост и нивните успешни животни приказни, но и заедно да се продискутира за идни планови во насока на создавање нови успешни приказни, велат организаторите.
Овогодинешната порака на Меѓународниот ден на лицата со попреченост е „Лидерство и учество на лицата со попреченост во создавање на поинклузивен, попристапен и поодржлив пост-Ковид 19 свет“.
Настанот ќе се одржи на 3-ти декември 2021 година, во 14:00 часот во фоајето на Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Истиот ќе се одвива според Ковид 19 протоколите.
Инаку, моменталната светска популација е нешто повеќе од 7 милјарди луѓе, од кои повеќе од 1 милјарда се луѓе кои живеат со некаков вид на попреченост. Во 1992 година Генералното Собрание на Обединетите Нации одлучи 3 Декември да се одбележува како Меѓународен Ден на Лицата со Попреченост, со цел промоција и добросостојба на лицата со попреченост во сите сфери на општеството, а и со цел зголемување на свеста за состојбата на лицата со попреченост во секој аспект на социјалното, политичкото, економското и културното живеење.
OhridNews