Моторни пили секојдневно ечат низ шумите во околината на Охрид, а моќни џипови ги пренесуваат нелегално пресечените дрва до место за претовар или продажба. Оваа јавна тајна, за која сите молчат, за жал не загрижува никого, велат граѓани, кои деновиве затекнале вистински „масакр“ во шумата во близина на Скребатно.
Не се плашат од никого, затоа што никој не ги гони. Каде е Шумската полиција, каде е другата полиција, обвинителство, институции, екологисти? – прашуваат загрижени граѓани. „Некои милиони од ова направија“, додава повозрасен жител од охридско, исто така сведок на незаконска сеча на дрва.
Проблемот со нелегалната сеча на дрва во Охридско-струшкиот регион зазема загрижувачки размери. Во струшко, несудениот наципнален парк Јабланица се соочува со вистинско дивеење на дрвокрадците, вели локалното население.
Мештаните велат дека Јабланица секојдневно се оголува, а тешките камиони натоварени со огревно дрво ги уништуваат локалните патишта. Стравуваат и за својата безбедност, зошто во сомнителниот бизнис со дрва се вртат големи пари, а тие што се занимаваат со оваа „работа“ не бираат средства да ја постигнат целта, велат тие.
Според мештаните и натаму отстуствува соодветна реакција на надлежните институции, иакои постојано укажуваат на проблемот. Жителите од овој дел на струшко, од сите етнички заедници, пред три години организираа и заеднички протест против уништувањето на шумите на планината Јабланица, но како што велат, оттогаш работите многу не се промениле.
Кубик дрва на „црно“ чини околу 2000 денари, значително поевтино од легалниот пазар.
Г.М.