Случајот со незадоволниот полициски инспектор во Секторот за внатрешни работи Охрид, Стевчо С. кој незадоволен од односот на претпоставените во службата кон него штрајкуваше на работно место го следи внатрешната контрола на МВР. Ова ни го потврди началникот на СВР Охрид, Стефан Буџакоски, кој кусо изјави:
„Во овој момент не би сакал да дадам повеќе податоци затоа што случајот го има преземено Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди и истите ќе се произнесат по завршувањето на истрагата“
Како што објави ohridnews, случајот со незадоволниот инспектор од оделението за општ криминал го следи и полицискиот синдикат. Инспекторот на синдикатот му се пожалил дека е шиканиран на работното место и дека постојано му се крати личниот доход без причина. „Личниот доход за месец декември ми е скратен 45%, со образложение дека не сум ги извршувал работните задачи што не е точно бидејќи јас најпрофесионално ги извршив сите зададени задачи во службата“, вели незадоволниот инспектор.
Неофицијално дознаваме дека синдикатот веќе го разгледал комплетниот случај и дека притоа не било утврдено дека кон незадоволниот инспектор надредените постапувале непрофесионално и незаконски. Комплетниот извештај треба да биде завршен деновиве.
МВР останува на ставот дека незадоволниот полицаец е санкциониран согласно правилата на служба. „Поради неисполнување на работни обврски надлежниот старешнина презел соодветни санкции против инспектор од одделението за општ криминал“, е ставот на МВР.
Незадоволниот инспектор тврди дека високо професионално и ефикасно ги извршува сите поставени задачи и најави дека ќе инсистира докрај да се расчисти целиот случај, за што тој побарал средба со минситерката Јанкуловска.
Г. Момироски