Судскиот процес против британскиот државјанин Николас Морли, што започна на 1 јуни беше прекинат на барање на одбраната на обвинетиот, кој се товари за предизвикување на тешката сообраќајна несреќа на 2 мај во која животот го загубија сопружниците Владимир и Маргита Чепуњоски.
Адвокатите на Морли изразија сомневање во исправноста на извештајот на судскиот вештак, Миле Попоски, врз кој се темели обвинението дека Морли како учесник во релито “Гамбол“ 3000, со своето „порше“ возел со 161,6 километри на час, на место каде дозволената брзина била 60 км/ч, со што ја предизвикал несреќата.
Одбраната презентираше извештаи од две независни вештачења, едниот на експерт од земјава, другиот на британската агенција TRL Limited , која вршела реконструкција на сообраќајната несреќа во која загина принцезата Дајана. Според тие извештаи Морли возел со 75 км/ч, а несреќата ја предизвикало возилото „голф“ во кое се наоѓале настраданите, бидејќи непрописно се вклучило на главниот пат Струга – Ќафасан.
„Не сум виновен, но жалам за загубените животи“
Морли пред струшкиот суд
Сепак најголем пресврт претствува барањето за ослободување од обвинението на Морли, што во име на семејството на настраданите го изнесе адвокатот Ѓоко Томовски. Семејството смета дека младиот Британец не ја предизвикал намерно сообраќајната несреќа и дека „и тој страдал доволно во целиот случај“ поради што Чепуњоски се откажуваат од оштетното побарување.
Инаку Морли кој се товари за предизвикување на тешки дела по безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за што е предвидена казна затвор од најмалку 4 години, во својот исказ рече дека не се чувствува виновен, но жали за загубените животи.
На главниот претрес беше сослушан и единствениот сведок Ѓорѓи Голабоски кој рече дека бил присутен на местото каде се случила несреќата и забележал дека Морли се движи со голема брзина, но не видел како се случила сообраќајката. Неговиот исказ одбраната го окфалификува како неточен и контрадикторен.
Судењето на Морли го следеа неговата сестра Даниела и претставник на британската амбасада, како и голем број акредитирани новинари. Судскиот процес што го води судијата Аце Петрески продолжува во понеделник.
Г. Момироски