Последните случаи на измама од страна на таканаречени лажни лекари и медицински сестри, луѓе кои бараат парична помош со објаснување дека им е потребна за лекување, разноразни верници кои разнесуваат летоци, честите провалувања и кражби во домовите – се повеќе ги вознемируваат граѓаните.
– Кога ќе видам дека некое непознато лице ѕвони воопшто не ја отворам вратата, дури и ако станува збор за вработен во МЈП Проаква кој треба да го прочита водомерот. Не се легитимираат, па така не можам да знам со која цел лицето заѕвонило на мојата врата. Порано воопшто не размислував дека е тоа опасно, но сега сметам дека е ризик да се отвора врата на секого, се сменија времињата, вели една наша постара сограѓанка.
Од СВР- Охрид потврдуваат дека се пријавени случаи на лажно претставување со цел да се изнудат парични средства. Последниот случај бил пријавен на 9- ти јули годинава, кога две непознати женски лица се претставиле како дел од медицинскиот персонал кој работи за познат хирург. При тоа, успеале преку измама да земат 4. 000 денари.