Денеска се сечеа дрвја како дел од подготвителни работи за градба на приватен имот во парк на бул. „Туристичка“, кој со одобрение за подготвителни работи беше обележан и заграден подолг период, што предизвика реакции кај локалните жители.

Сопствениците на имотот кои водеа долгогодишен судски спор со жители од околните згради, информираат дека процесот завршил пред надлежните судови во нивна корист, односно со правосилна одлука на Вишиот управен суд, со која се одбива тужбата на жителите од околните згради на Решението на надлежното министертво за транспорт и врски како неоснована.

Со тоа, според нив, се отстрануваат пречките на нивната локација, согласно одобрениот план и добиеното правосилно одобрение за градба, да се изгради предвидената станбена зграда на пет ката и потпокрив, за која тие уплатиле комуналии во висина од 100.000,00 евра уште во 2014 година, но поради судските постапки биле спречени да градат, за што, како што велат, согласно законот имаат право на оштетно побарување.

Жителите од околните згради повеќе пати јавно протестираа против изградбата на новиот објект изнесувајќи сериозни обвинувања за случајот, кој доби и судска разврска. Тие стравуваат дека ќе се намали светлината и провевот, но и квалитетот на живеењето во населбата, а последици ќе има и по идното планирање на развојот на градот бидејќи булеварот „Туристичка“ е главна сообраќајна артерија на Охрид.

Сопствениците на имоти, пак, исто така во јавен настап за медиумите, изјавија дека до тоа нема да дојде бидејќи при проектирањето на новата зграда земени биле во вид сите аспекти, а таа ќе се гради согласно стандардите и на површина значително помала од парцелата која е нивна приватна сопственост повеќе од шест децении.

OhridNews