Текст и фотографии: Мишо Јузмески

Кристално чиста изворска вода се влева во езерско синило додека пауни гордо се вртат во круг со волшебното шаренило на своите пердуви притоа испуштајќи див продoрен крик. Во ваква рајска убавина во подножјето на високи и навидум непремостливи планини се наоѓа манастирот „Свети Наум“. Најпосетуваниот македонски манастир е изграден врз огромна карпа на југоисточниот брег на Охридското Езеро; оттука се гледаат целото езеро и неговото пошироко опкружување.

Од доцна есен до рана пролет, манастирот претставува одлично место за медитација, а плажата е најатрактивната дестинација за посетителите кои сакаат опуштање во топлите сончеви денови. Тогаш има најмногу посетители, а до манастирот лесно се пристигнува преку меѓународниот пат Охрид

Поградец или со брод од Охрид. Посебна атракција е возењето со чамец во блиските извори што извираат од густото зеленило.
Станбениот дел на манастирот е комплетно обновен кон крајот на XX и почетокот на XXI век. Некогашните конаци се заменети со хотел и ресторан. Манастирската црква посветена на свети Наум е единствената зачувана градба со историско значење.

Историјата на манастирот започнува во 900 година кога свети Наум Охридски, соработник на свети Климент Охридски и ученик на светите браќа Кирил и Методиј, основал црква и манастир посветени на светите aрхангели Михаил и Гаврил. Свети Наум умрел и бил погребан овде во 910 година. Оттогаш, манастирот ги поттикнува православните верници на аџилак на гробот на светителот. Неговата слава како чудотворец е овековечена во многу народни приказни, а извонреден факт е вниманието што многу локални муслимански верници го покажуваат за него. Соодветно, светителот и неговиот манастир служат како обединувачка врска за луѓе со различно верско и етничко потекло.

Црквата на св. Наум била изградена со основа во вид на лист на детелина. Оваа форма била универзално прифатена во средновековната архитектура пошироко на Балканот за време на животот на свети Наум. Во 1955 година, охридскиот археолог Димче Кочо ги открил остатоците од оригиналната црква од IX век. Тие повторно биле покриени со нов под, на којшто основата на првобитната црква е обележана со црн и бел мермер.

Денешната црква е изградена помеѓу XVI и XVII век во форма на крст впишан во квадратна основа над темелите на првобитната црква. Потоа се додадени припратата и двете куполи. Во 1799 година, на јужната страна на црквата, подигната е капела околу гробот на свети Наум.

Фрески од времето на свети Наум не се зачувани. Најстарото сликарство во манастирот го претставуваат фрагменти од фрески кои датираат од XVI или XVII век. Целата ѕидна декорација во црквата ја насликал сликарот Трпо од Корча во 1806 година. Повеќето од овие фрески се добро зачувани.

Во гробната капела над гробот е насликан погребот, а во повисоката зона на ѕидот можат да се видат сцени од животот и чудата на свети Наум. Некои од овие сцени се засноваат на историски факти, но има и инспирирани од народни приказни. Во локалниот фолклор, свети Наум е почитуван како заштитник на манастирот и исцелител на болните од разни болести, меѓу кои најчесто се спомнуваат менталните болести. Некои легенди зборуваат за неговата моќ да скротува диви животни.

Иконостасот поседува исклучителна естетска вредност. Изработен е во плитка резба на дрво во 1711 година. Иконите се создадени во истата година. Името на сликарот Константин е испишано на иконата на Исус Христос.

Манастирот „Свети Наум“ поседува голем недвижен имот во областа помеѓу македонско-албанската граница и езерскиот брег, вклучувајќи обработлива површина и други верски градби: црквите „Свети Атанасиј“ и „Света Петка“, исто како и капелата „Св. Богородица“.

OhridNews