Во старото градско јадро на Охрид меѓу куќите кај Долна Порта се наоѓаат две мали цркви кои се познати како „болнички цркви“. Тоа се „Св. Никола Болнички“ и „Св. Богородица Болничка“.
Црквите биле наречени „болнички“ поради нивната местоположба во Болничката Маала, т.е. во делот од градот каде што некогаш се наоѓала болницата. Во стариот дел на Охрид постојат повеќе цркви посветени на св. Никола („Св. Никола Геракомија“, „Св. Никола Челнички“, напуштената црква „Св. Никола Арбанашки“) и св. Богородица („Св. Богородица Панданос“, „Св. Богородица Перивлепта“, „Св. Богородица Челница“), па оттаму потребата за нивно точно распознавање. Така црквите во Челничка Маала (просторот околу Челна Порта) биле нарекувани „челнички“ додека оние во близината на болницата станале „болнички“.
Според едно народно предание, за време на венчавката во една од болничките цркви невестата умрела од непознати причини. Нејзината смрт била поврзана со „присуството на нечисти сили“ и оттогаш сите избегнувале да организираат обреди во овие цркви. Eдно време дури и црковните власти на новодојдените свештеници во градот им препорачувале тука да не вршат верски обреди. Во секој случај, во своето првобитно издание „Св. Никола Болнички“ и „Св. Богородица Болничка“ биле премногу тесни за масовни собири. Затоа тие со векови опстојувале како мали светилишта за повремена употреба во сенката на поголемите градски цркви кои нудат поголема удобност за одржувањето на редовните служби, одбележувањето на клучните верски празници и задоволувањето на секојдневните верски потреби на градското население (крштевки, венчавки…).
Иако со споредна улога во верскиот живот на градот, болничките цркви привлекуваат внимание со нивната повеќевековна историја, а се истакнуваат со архитектонска посебност и други уметнички вредности. Затоа се заштитени со закон како споменици на културата.
„Св. Никола Болнички“ е еднокорабна црква со полукружен свод. Целата е изградена од кршен камен. На западната страна над црквата се наоѓа камбанаријата која е изградена под влијание на западната црковна архитектура и таа по својата форма е единствена во Македонија.
Црквата е изградена и живописана од непознати зографи во 1313 година. Ова се дознава од натписот на јужниот ѕид. Во историските документи за прв пат црквата се спомнува во документ за имотот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ од 1342/45 година.
Меѓу позначајните насликани композиции во внатрешноста на црквата се: „Успението на св. Богородица“, „Преображение Христово“ и „Влегувањето во Ерусалим“. Посебно внимание привлекуваат фигурите на св. Климент Охридски, св. Никола Чудотворец и св. Пантелејмон.
По освојувањето на Охрид од страна на Србите во 1334 година, на јужниот ѕид од надворешната страна помеѓу 1335 и 1345 година биле насликани портретите на охридскиот архиепископ Никола (го крунисал Стефан Душан за цар во Скопје во 1346 година), царот Душан, неговата сопруга Елена и синот Урош, св. Сава и св. Симеон. Овие фрески се вбројуваат меѓу врвните достигнувања на средновековното сликарство.
Во 1381 година е изведен вториот слој живопис на западниот ѕид од надворешната страна на црквата. Под него се наоѓаат остатоците од постариот слој живопис за кој се претпоставува дека е од времето на создавањето на портретите на царското семејство.
Во 15-от век на јужната страна од црквата е доградена мала капела од која е зачуван дел од апсидата со претстава на „Причестувањето на апостолите“. Подоцна на западната страна е додаден трем со што црквата добила многу поголема покриена површина.
„Св. Богородица Болничка“ е градена во непознато време. Според стилските одлики на архитектурата и живописот, таа била подигната најверојатно во втората половина на 14-от век.
Во архитектонски поглед „Св. Богородица Болничка“ претставува еднокорабна црква со попречен полуоблест свод (трансепт). Ѕидовите се изведени со наизменично менување на редови од камен, тули и малтер.
Живописот во „Св. Богородица Болничка“ потекнува од различно време. Најстарото сликарство е датирано на седумдесеттите години од 14-от век. Тоа е зачувано само во фрагменти на северниот и источниот ѕид. Првиот зограф покажал солидни резултати и според зачуваните остатоци тој би можел да се смета за продолжувач на традициите од најдобрите времиња на охридското сликарство. Кога подоцна во непознато време над црквата бил дограден трансептот, таа се здобила со поголеми ѕидни површини кои овозможиле да се наслика нов живопис. Тогаш со новиот живопис биле покриени и старите фрески.
Кога во 19-от век на јужната страна бил подигнат тремот, црквата го добила последниот слој живопис. Со конзерваторските работи во 1959/60 година живописот е симнат од ѕидовите и изложен во тремот на црквата.
Црквата „Св. Богородица Болничка“ има резбан иконостас. Го изработил Никола Дарковски Караџовиќ од Лазарополе во 1833 година.
Иконостасот е украсен со мотиви од растителниот и животинскиот свет, изведени во длабока резба. Во долниот дел од иконостасот доминираат две икони од 17-от век на кои се претставени Богородица со Исус Христос и Исус Христос. Во истиот хоризонтален појас се наоѓаат Царските двери и една врата со претставата на св. Стефан во цел раст, кои потекнуваат од 1808 година. Во горниот дел од иконостасот се наоѓаат икони од 19-от век. Над иконостасот се издигнува крстот на кој е претставено Распетието Христово. Крстот бил изработен во 1830 година, кога ѝ бил подарен на црквата.
архива OhridNews/ автор. Мишо Јузмески
фото. OhridNews