„Ете, конечно ја пронајдовте кутивката со ова мое слово во гробот на мојата единствена ќерка Џола.Сега читајте, вака се случи тоа:
Стариот охридски свештеник Апостол Мизо ја отвори црквата‘Свети Климент’ за да влезат охридските првенци Нејко Челеби, Станче беј, Бујар Лигдо и Малечко беј.Тогаш, во времето на архиепископот Арсениј, тие беа богати ќуркчии, па поголемиот дел од годината поминуваа во Цариград.Сите се залагаа да го протераат Арсениј од Охрид, а само првите двајца беа шпиони на везирот. Додека палеа свеќи пред иконата на Богородица Троеручица измислија подла итрина; набавија фалсификувани пари и закопаа дел од нив во дворот на архиепископијата, а остатокот го растурија низ градот. По неколку дена сами ја известија власта дека во чаршијата се трошат некакви лажни пари на патријархот. Власта го пребара домот на Арсениј и ги најде парите закопани во дворот…“

Вака започнува расказот „Слово горко,слово жалосно“ на писталот Блаже Миневски, кому синоќа на манифестацијата „Вечер на Чинго“  во Велгошти му беше врачена наградата во износ од 30 000 денари за најдобро прозно дело на конкурсот што Општина Охрид го распиша по повод одбележувањето на 73-годишнината од раѓањето и  22-годишнината од смртта на големиот македонски писател Живко Чинго.

Пред споменикот на писателот во неговото родно село,  обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој го истакна значењето на делото на Живко Чинго. Тој најави дека општината и натаму достојно и со пиетет ќе го одбележува овој ден, со што Охрид му оддава должна почит на големиот писател. Беседа за делото на Живко Чинго одржа книжевниот критичар проф.д-р Иван Џепароски, а манифестацијата беше збогатена со културно-уметничка програма.

Збирки раскази “Пасквелија”, “Нова Пасквелија”, романите “Сребрените снегови”, “Големата вода”, драмите “Кенгурски скок”, “Макавејски празници” и други, на Живко Чинго (1936-1987) му обезбедија едно од врвните места во современата македонска проза и драмска литература.

Ohridnews