Во Словенија утрово започнале подготовки за поставување ограда од бодликава жица на делот од границата со Хрватска, којашто исто така е членка на Европската унија. Премиерот Миро Церар најави дека неговата земја на тој начин подобро ќе го контролира очекуваниот бегалски бран, но и ќе спречи хуманитарна катастрофа која може да се случи зимава доколку мигрантите на границата од шенгенската ЕУ дојдат во големи бројки и дисперзирано, бидејќи капацитетите за нивно примање во само двомилионската Словенија се ограничени, а ЕУ сé уште не може да ја реши бегалската криза.
Некои словенечки медиуми истакнуваат во извештаите дека овие мерки на владата во Љубљана се преземаат со согласност на Германија и Австрија, земјите кон кои се упатуваат илјадниците бегалци и мигранти кои преку ткн балканска рута доаѓаат до границите на Словенија.
Засега сé уште изостануваат официјални информации од Љубљана во врска со подигнувањето на оградата, меѓутоа од средата рано утрото агенцијата Ројтерс, како и словенечката СТА и хрватската Хина, повикувајќи се на своите репортери пренесуваат дека на границата меѓу двете земји членки на Европската унија, од словенечката страна, започнале логистичките подготовки за поставување на оградата. Во извештаите се истакнува дека припадниците на словенечката војска ја истоваруваат жицата за оградата којашто прво ќе биде поставена во околината на Брежице кон средината на денот.
Словенечката телевизија наведува, повикувајќи се на неофицијални извори, дека жичената ограда која околу пладне ќе ја поставуваат припадниците на војската и на цивилната заштита ќе биде висока околу 180 сантиметри. За тоа било известено и локалното населени, а започнато е со оградувањето на просторот па на новинарите не им е дозволен пристапот.
OhridNews
извор Макфакс