Здружението за култура и уметност „Арт Вивенди-Охрид“ и Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија по трет пат се организатори на Интернационалниот фестивал „Словенија на Охрид“. По минатогодишното успешно презентирање на преку 700 учесници од најразлични сегменти на културата од Словенија, оваа година планирано е нивниот број да биде уште поголем, со цел поголемо зближување на двете земји и размена на културни искуства.
Овој фестивал е поддржан од Министерството за култура на Република Словенија, Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид, НУ Охридско лето и НУ Македонска опера и балет,
Свеченото отворање е на 24 јуни на сцената на Долни Сарај ден претходно од денот на Независноста на Република Словенија, со почеток во 20 часот. Манифестацијата ќе продолжи и на 25 јуни на Плоштадот „Св. Климент Охридски“ и Малиот нов плоштад ТЦ Амам, со почеток во 17 часот.
Учество на овој меѓународен фестивал ќе земат голем број учесници претставени преку: Фолклорни групи, Дувачки и Тамбурашки оркестри, Хорови и Мажоретки.
Организаторот на фестивалот Алоски Ѓоко, Претседател на „Арт Вивенди – Охрид“ вели дека од година во година овој фестивал го продлабочува пријателството помеѓу овие две земји и е доказ дека културата и уметноста, воопшто, ги уриваат сите бариери помеѓу народите.
Влезот е слободен за сите посетители и љубители на културата и традицијата на еден народ.