Селекторот Игор Ангеловски најави атак на победа и пред се добра игра на македонската фудбалска репрезентација во контролниот дуел со Словенија, кој ќе се одигра утре на Националната арена „Тодор Проевски“.

За прв пат ќе играме подготвителен натпревар во улога на учесници на Европско првенство. Словенија е квалитетна репрезентација. Мечот со нив ќе ни биде добар тест. Без разлика дали е пријателски или квалификациски натпревар, сакаме да победиме. Нема многу да експериментирам, не сум таков тренер. Она што ќе ценам дека е потребно да проверам ќе проверам, – изјави Ангеловски.

Селекторот ги повика навивачите да го исполнат дозволениот капацитет на Арената и да се направи уште подобра атмосфера помеѓу играчите и луѓето.

Утре по подолго време ќе има публика. Фудбалот се игра за публика. Посакувам нашите навивачи максимално да го пополнат дозволениот број и да им дадат безрезервна поддршка на нашите фудбалери, – рече Ангеловски.

Натпреварот се игра во 18 часот.

OhridNews