Денеска во претседателскиот кабинет во „Вила Водно“, претседателот Стево Пендаровски на церемонија со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, со што започна неговата официјална дводневна посета на нашата земја.
Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателот Пахор, се одржува и пленарен состанок на македонската и словенечката официјална делегација, како и заедничка прес конференција.
Двајцата претседатели ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.
Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели се пријателските односи меѓу двете земји, справувањето со последиците од пандемијата на Ковид-19 и регионалните прашања.
Претседателот Пахор за време на посетата е придружуван од Здравко Почивалшек, заменик претседател на Владата и министер за економски развој и технологија, како и од Матеј Тонин, заменик претседател на Владата и министер за одбрана на Република Словенија.
Во рамки на посетата, словенечкиот претседател утре ќе престојува во Охрид.
OhridNews