Министерот за одбрана и заменик премиер на Република Словенија Матеј Тонин доцна попладнево допатува во Охрид, во официјална посета на Македонија.
Тонин заедно со неговиот домаќин, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во придружба на градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, прошетаа низ стариот дел на градот каде ги разгледаа црквата „Света Богородица Перивлепта”, Античкиот театар катедралната црква „Света Софија” и вредната поставка на Галеријата на икони.
Високиот дипломатски гостин се запозна со нашето непроценливо културно наследство. Драго ми е што Охрид со сите свои убавини секогаш ќе биде нашиот најпрепознатлив бренд, кој гордо го презентираме пред светот и место кое остава неповторливи впечатоци кај гостите. – напиша вечерва на Фејсбук градоначалникот Георгиески.
Министрите за одбрана Шекеринска и Тонин , утре (петок) во владината вила „Охрид“ во Охрид, ќе имаат работна средба и билатерални разговори на ниво на делегации, и потпишување на Договор за донација.
Од Охрид, министерката Шекеринска и гостинот од Република Словенија ќе заминат за Берово, каде што ќе имаат средба со градоначалникот Звонко Пекевски кој од името на граѓаните на беровскиот регион ќе му врачи на словенечкиот министер Плакета за Здружените сили на цивилна заштита на Словенија, во знак на благодарност за брзата реакција во справувањето со шумските пожари.
OhridNews
Фото: А. Момироска