Официјалните лица во јужната индиска држава Тамил Наду наложиле сите слонови кои работат во храмовите да се испратат на „групен заслужен одмор“. Наредбата била донесена во рамките на програмата која има за цел исцрпените животни да ги врати во форма. Како што навеле медиумите, 45 слонови кои работат во храмовите и светилиштата ширум државата Тамил Наду, биле испратени во шумата Мудумалај, во близина на морскиот брег, на одмор во траење од 48 дена.

Тие биле довезени со камиони, а за време на одморот ќе имаат специјална исхрана на база на шекерна трска, кокос и банани, збогатени со лековити билки и витамини. Слоновите се составен дел од хинду ритуалите во храмовите, каде ги бакнуваат верниците со подигната сурла. Исто така се тренирани и да извршуваат разни физички работи за потребите на храмовите.