Слободата на медиумите во Македонија е сериозно загрозена, констатираа претставниците на Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Македонскиот институт за медиуми, на прес-конференцијата која се одржа по повод 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите. Трите медиумски организации презентираа заедничка изјава со која се укажува на поразителните состојби во медиумската сфера и демонстративно се бара од институциите, политичките центри и медиумските сопственици да овозможат неселективна примена на регулативата и слободно функционирање на медиумите без какви било притисоци. Наедно, ги повикаа и уредувачките тимови да се придржуваат до професионалните стандарди. Во спротивно, како што беше истакнато, медиумските организации ќе бидат принудени да ги именуваат институциите, партиските или бизнис кругови кои создаваат хаос во медиумскиот простор.

“Македонското новинарство никогаш досега не го одбележувало Денот на слободата на медиумите во полоша состојба. Од моментот на основање на Синдикатот, десетици новинари загубија работа, на многу не им е продолжен договорот, а многумина се избркани од работа.  Ниту еден од нив не проговори јавно за тоа. Оваа заедничка акција на ЗНМ, ССНРМ и на МИМ е токму со таа цел – да почнеме да говориме за проблемите во професијата. Без слободни новинари, нема слободно новинарство”, истакна Тамара Чаусидис, претседател на Синдикатот.
 
Билјана Петковска, извршниот директор на МИМ се осврна на селективната примена на регулативата, што ги става медиумите во нееднаква позиција на пазарот и додаде дека во Македонија се инвестира во медиумите, не за профит, туку за остварување на политички и на економски интереси на медиумските сопственици.
 
На заедничкиот прес, Насер Селмани, претседател на ЗНМ, ги повика уредниците да се грижат за заштита на професионалните стандарди и да ги заштитат новинарите од притисоците кои доаѓаат од медиумските газди и од политичките центри на моќ. 

Инаку, меѓународното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите под покровителство на УНЕСКО, годинава се одвива под мотото „Медиуми на 21-от век: Нови граници, нови бариери“. Оваа тема се актуелизира со цел да се поттикнат невладиниот сектор, индивидуалците и останатите релевантни фактори да го афирмираат Интернетот како глобален јавен ресурс, а државите да ги гарантираат и применуваат меѓународните стандарди за слободата на изразувањето и на Интернет.