Кривичниот совет, предводен од судијата Милка Танеска, на денешното ново рочиште од судскиот процес против Лазе Радески, обвинет за тројно убиство, ги задолжи претставниците на обвинителството и на одбраната за следното рочиште да ги подготват завршните обраќања.

Судскиот процес против Радески, денеска продолжи со изведување нови материјални докази. На денешното рочиште беше изнесено стручно мислење по однос на видео-снимката од надзорните камери на продавницата „Грини“ каде било извршено убиството на Трајче Цоцески, еден од жртвите.  Исто така, беа презентирани материјални докази од истражната постапка, се читаа вештачења на експерти од Одделенијата за крим-техника при СВР – Охрид и МВР во Скопје, увид во психијатрискиот извештај од Клиниката за психијатрија при Медицинскиот факултет во Скопје, спроведените ДНК-анализи на крв, папиларни анализи од одземените предмети, како и други докази. Меѓу другото, на барање на одбраната беа презентирани и датумите, налозитеи лицата кои вршеле посети на обвинетиот во периодот додека тој се наоѓал во притвор во КПУ „Затвор – Охрид“.

Одбраната имаше забелешки на недоследности од спроведените експертски вештачења и укажа на контрадикторни наоди од спроведената истрага на експертите од крим-техника, но судот го одби нејзиното барање за реконструкција на убиството на Трајче Цоцески, кое Радески единствено го призна.

На барањето на одбраната за следното рочиште закажано за 6 март, судот ќе побара писмено известување од СВР Охрид за постоењето видео-запис од увидот извршен на местото каде беа пронајдени остатоци од телото на убиениот Раим Ракип

Радески е обвинет дека во периодот од 2006 до 2008 година, ги убил уличните продавачи на девизи Раим Ракип, Спиро Ставрески и Трајче Цоцески, сите од Охрид.

Ohridnews