Ризиците од судири меѓу и во самите држави во светот следните пет години ќе се зголемува до ниво коешто не е видено од Студената војна, бидејќи слабее глобалниот раст, светскиот поредок воспоставен по Втората светска војна се урива, а антиглобализацијата ги подгрева национализмите, се наведува во објавениот во понеделникот извештај на американската разузнавачка служба, пренесува „Макфакс“.
„Споменатите тенденции ќе се приближуваат една на друга со темпо без преседан и ќе ги направат управувањето и соработката потешки, и ќе го променат карактерот на моќта – радикално менувајќи ја глобалната слика“, се оценува во извештајот под наслов „Глобални трендови: парадокс и напредок“(Global Trends: Paradox of Progress), на американскиот Национален разузнавачки совет (National Intelligence Council – NIC).
Тезите објавени десетина дена пред инаугурацијата на избраниот американски претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари, го наведуваат факторите „коишто ќе ја обликуваат тмурната и тешка блиска иднина“, вклучително и „сé поагресивните“ Русија и Кина, регионалните судири, тероризмот, сеопшто растечката нееднаквост во приходите, климатските промени и бавниот економски раст.
Аналитичарите сметаат дека заканата од тероризмот во текот на следните неколку години ќе се зголеми, бидејќи малите групи и поединци ќе биваат привлечени од „новите технологии, идеи и односи“.
Управувањето, се наведува натаму во извештајот, ќе стане сé потешко бидејќи проблемите, како што се глобалните климатски промени, уништувањето на природната средина и здравствените закани, ќе бараат колективна акција, во моментите кога таквата соработка станува сé потешка.
Покрај тоа, авторите на извештајот веруваат дека несигурноста во позициите на САД „Западот ќе го фокусираат врз самиот себеси“, а ослабените механизми за заштита на човековите права и стандарди за спречување конфликти може да ги охрабрат Русија и Кина да го оспорат влијанието на САД. Овие спротиставености „нема да го минат прагот на ‘жешката’ војна, но тие може да доведат до значителни ризици поради погрешни процени“. Истовремено не се исклучува дека ризикот од меѓудржавни конфликти може да се зголеми „до нивото коешто не е видено од крајот на Студената војна“.
Извештајот намерно ја изостава анализата на американската политика или одлуките, но предупредува на сложеноста на тешкотиите со коишто Доналд Трамп ќе мора да се фати во костец за да ги исполни изборните ветувања, како што се подобрувањето на односите со Русија, достигнувањето на Кина на економското поле, враќањето на загубените работни места во САД и поразот на тероризмот.
Во Националниот разузнавачки совет на САД се вклучени високо рангирани аналитичари на разузнавачки податоци, кои се специјализирани за одредени региони и теми. Извештајот, кој вклучува интервјуа со академици, финансиски експерти и политичари од целиот свет, ги истражувало политичките, општествените и технолошките трендови за кои авторите сметаат дека ќе го обликуваат светот од денес до 2035 година.
OhridNews
извор: „Макфакс“