Следната недела ќе биде објавен вториот повик преку Министерството за локална самоуправа за финансиска поддршка на општините со кој им се ставаат на располагање до 15 милијарди денари за капитални инфраструктурни проекти. Ова се значајни средства кои се ставаат на располагање на општините за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

До 15 милијарди денари ќе биде вредноста на овој втор повик. Но, тоа не подразбира дека сите овие средства ќе бидат потрошени во тековната фискална година. Ќе повторам за да нема забуни во јавноста, можно е некои проекти да влезат и во три годишни буџети и во 2025-та и во 2026-та и во 2027-та. Некои проекти да бидат само во 2025-та, некои да бидат и во 2025 и во 2026 итн., за да биде појасно. Но, вкупниот волумен на средства со кои што ќе се финансираат проектите од овој втор повик, за којшто денеска отпочнавме процедура на редовна владина седница, е до 15 милијарди денари, додаде Мицкоски.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински посочи дека од првиот повик финансиска поддршка добија 288 проекти во 78 општини, со вкупна вредност од нешто повеќе 4,5 милијарди денари. 251 проект се веќе со склучен договор или се во завршна фаза од постапката, од кои педесетина веќе се реализираат на терен, а за 37 проекти се очекува почеток на тендерската процедура за избор на изведувач, истакна Перински.

Во однос на вториот повик, сакам да напоменам дека критериумите за учество во најголем дел ќе бидат исти како и за првиот, но и олеснети во поглед на рокот за поднесување на документи и за отпочнување на постапка за јавна набавка, односно ќе се одлучува врз основ на два критериума: по глава на жител на резидентното население во секоја општина согласно последниот попис и комплетноста на потребната проектна документација со сите потребни дозволи и согласности потребни за отпочнување постапка за јавна набавка, со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци. Право на учество имаат сите единици на локалната самоуправа, кои можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од различни области, посочи Перински.

Рокот за поднесување на апликативни формулари и проектна документација е до 30.04.2025 година. И овој пат, за транспарентноста и следењето на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.

Меѓу проектите со кои на вториот јавен повик ќе аплицира Општина Охрид, а беа споменуваме изминатиов период, се проектите за плоштадот „Крушевска Република“, катната гаража, како и проектот за Свињишки извори. На првиот јавен повик на Општината и беа одобрени средства за сите 10 инфраструктурни проекти со кои аплицираше.

Н.С.Ј.