Следната недела ќе продолжи реконструкцијата која почна пред неколку месеци на сидриштето пред Центарот за обука на вода на АРМ, кое се користи за паркирање на пловни објекти и од страна на Армијата и од страна на физички лица, согласно договорите кои се потпишани со Министерството за одбрана, најави денес во Охрид министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
По увид во состојбата направена пред повеќе од година, констатирано е од страна на стручниот сектор во Министерството и Армијата дека паркиралиштето или сидриштето се наоѓа во многу лоша состојба и дека евентуално понатамошна употреба во таква состојба може да предизвика загрозување на човечките животи на сите кои го користат. Од тие причини Министерството за одбрана спроведе јавна набавка, отворена постапка, со која се избра најдобриот понудувач, кој ќе треба во законски предвидениот рок да го реконструира.
Посочи дека при почетокот на реконструкцијата добиле известување, некое укажување од граѓанска организација која тврдела дека можно е да биде загрозена животната средина со градежните активности, поради што времено била прекината реконструкцијата и истата ќе продолжи, откако за тоа се добиени сите позитивни мислења од надлежните институции.
Во интерес на тоа, да не се шират дезинформации и јавноста да ја добие вистинската слика, ја стопиравме времено оваа реконструкција и за потврда се обративме до надлежните институции, Министерство за животна средина и просторно планирање, Заводот за заштита на културното наследство и УНЕСКО, кои по направениот увид во документацијата, вклучително и елаборатот за заштита на животната средина, констатираа дека нема никаква опасност по животната средина и на некој начин добивме дозвола да продолжиме со овие активности. Очекувам дека избраната компанија во понеделник ќе продолжи да го работи овој проект, во предвидениот рок, согласно договорот од 45 дена ќе заврши реконструкцијата, потенцираше Петровска.
Со ова додаде Петровска армијата и оние физички и правни лица кои го користеле и ќе го користат во иднина ќе имаат можност да го користат во една многу подобра и побезбедна средина.
Реконструкцијата на платформата при која ќе се користат еколошки материјали се однесува на левата страна на Студенчишкиот канал и тоа во должина од 190 метри. Реконструкцијата се врши врз основа на истиот проект согласно кој е изведена реконструкцијата на десната страна на каналот.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска