Познатиот американски автомобилски бренд  „Понтијак“, чии моќни автомобили своевремено татнеа низ широките американски булевари, паркирани привлекуваа погледи, ги гледавме низ бркотниците во познатите филмови, од синоќа се дел од историјата.


После  84 години постоење, веќе и самиот заморен „Џенерал моторс (GM ) реши да го повлече „Понтијак“ од производство, брендот што години наназад бележеше загуби, предизвикани од комбинација на слаба корпоративна стратегија и понуда на безлични, комерцијално неиздржани модели.

Дури и пред банкротот на „GM“, продажбата на „Понтијак“ почна да опаѓа уште од 1968 година кога брендот го доживеа зенитот со продадени милион примероци на нивните спортски модели со карактеристични моќни мотори и впечатливи предни маски.

Најрепрезентативните модели на „Понтијак“, моделите „GTO“ ,„ Транс Ам“ и „Каталина“ беа преполни со коњски сили, обоени со избрани палети бои, меѓу кои и тигресто златната. Да се потсетиме дека Берт Рејнолдс и Сели Филд успеаа да побегнат пред законот токму на „Firebird Trans Am“ во 1970 година во хит-филмот  “Smokey и Bandit.”


На крајот на 80-тите години на минатиот век, автомобилите на „Понтијак“ ги соблекоа кратките маички што ги оцртуваа мускулите и облекоа костуми, во обид да го променат имиџот и да бидат прифатени како остнатите автомобили. Тогаш брендот ја изгуби препознатливоста по која беше и популарен.

Во тоа време беа неопходни значајни потези за да се парира на конкуренција од јапонските производители чии понисни производствени  трошоци беа сериозна закана за американската автомобилска индустрија.


Инаку, во 2008 година кога „GM“ најави целосно затвоарање на „Понтијак“, продажбата опадна на 267.000, што е помалку од една третина од бројот продадени автомобили во 1968 година.

Формиран во 1926 година, „Понтијак“ произведуваше автомобили за широката работничка класа, а рецесијата во 1950 речиси целосно ја уништи продажбата. „ GM “ го препороди брендот поврзувајќи го со авто трките. Од тогаш главната причина за секој добро продаван модел на „Понтијак“ беше исклучиво брзината, наспроти здодевните класични модели.
Легендарниот „GTO“ настана кога неколкумина инѓенери на „ GM “ зедоа еден мал автомобил наречен „Бура“ и во него ставија моќен V8 мотор. Самото име беше кратенка од “Gran Turismo Omologato”, што на италијански значи “подготвен да се трка”. Благодарение на моделот „GTO“, брендот Понтијак достигна 17 проценти од  продадените 5,4 милиони автомобили и камиони на „ GM “ во 1968 година. Моделот „GTO“ дури доби и своја хит-песна во 1960 година. „Ајде, запалете го, нека го однесе ветерот на GTO”, гласеа стиховите испеани од Рони и „Daytonas“.


Падот  на „Понтиак“ е последица на недостиг на конзистентна стратегија и монолитно раководство. Неброени директори се исредија на врвот на фирмата, менаџери ротираа на неколку години, секој од нив со различен вкус. Секој од нив се бараше во брендот, некои дури и се обидоа од „Понтијак“ да создадат бренд луксузни автомобили. Тоа беше стратегија што на крајот доведе до уништување на брендот. Можеби најмногу му наштети стратегијата на „GM“, кога поради светските економски текови реши под хаубата на „Понтијак“ да става помали погонски агрегати со мала потрошувачка, сфера од автоиндустријата во која царуваат јапонските произведувачи. Тоа беше крајот на брендот кој славата ја достигна благодарение на сировата сила и моќни агрегати.

Најаниската точка во историјата „Понтијак“ ја достигна на крајот на 90-те, кога со моделот „Ацтек“ фирмата се обиде да ги освои младите Америкаци. Тотален неуспех на моделот што наликуваше на невкусен спој на миниван и блиндирано возило.


Во средината на првата деценија на овој век, „GM“ повторно се обиде да го „разбуди тигарот“ со моќен седан што би го вратил брендот назад кон „GTO“. Но, дилерите на автомобили бараа сосема нов модел, а од „GM“ добија само преименувани модели „Chevrolet“ што уште дополнително ја разводна претставаа за „Понтијак“ изградена врз перформасите.

Крајот „Понтијак“ го доживеа оваа година, кога продажбата на моделите на брендот опадна на помалку од еден отсто од 2,2-та милиони возила колку што „GM“ предвидуваше дека ќе ги продаде во текот на оваа 2010. Иако нивните договори со „Понтиак“ веќе истекуваат, дилерите на возила на „ GM“ најавија дека ќе продолжат да ги сервисираат автомобилите „Понтијак“. Но, од вчера веќе и неупотребуваните возила  од марката „Понтијак“ веќе се третираат како половни возила на „GM“.


Така згасна уште една ѕвезда во автомобиската индустрија, која веќе сега почна да им недостасува на дел од припадниците на постарата генерација американци. Останува дел од нивните спомени, ништо повеќе отколку носталгија по едно друго изминато време.

OhridNews