Професорот на економскиот факултет и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески во своето гостување во емисијата „А што не е јасно“ на телевизија Алфа истакна дека и покрај кажувањата на Владата на СДСМ до овој момент ниту една компанија нема добиено никаква државна помош во справувањето со корона кризата. Тој напомена дека дури и првиот пакет со бескаматни кредити за помош на стопанството се уште не е распределен.

Мислам дека бројката колку компании, мали средни претпријатија, занаетчии побарале помош не треба да е критериум за успешноста или неуспешноста на некоја мерка. Имено знаеме дека побараа помош уште пред два месеци кога настапи кризата и беше јасно што ќе се случува. Факт е дека до овој момент никој нема добиено никаква помош. Се се објаснувања, дообјаснувања, менувања на условите, апликации и слично. Дури се надевам дека не грешам оние 4,7 милиони евра од првиот пакет наречен „Ковид 1“ од македонска развојна банка, каде што можеа да аплицираат за бескаматни кредити претпријатија погодени од првиот удар на кризата и оние од угостителскиот сектор, се уште не се распределени средства. –  вели Славески.

Помошта која ја нуди македонската Влада на македонското стопанство е премала и задоцнета истакна Славески коментирајќи ја лошата економска состојба во државата како резултат на епидемијата на коронавирусот.

Факт е дека Република Македонија е земја во регионот и во Европа со најниска помош во однос на бруто домашниот производ, онаа што барем е проектирана, да видиме колку ќе се реализираа. Таа не надминува 1, 1,2 проценти од БДП зборува за тоа дека не сме биле доволно подготвени да одговориме на потребите на економијата која се најде во оваа тешка депресија. Само да споменам дека соседна Србија со една мерка, поделбата на оние 100 евра на полнолетните граѓани, стигна до 500 милиони евра, што е еден процент од нивниот БДП. Тие нудат исплата на три минимални плати за исплата на погодените сектори, понатаму одложување на отплаќање на придонесите, даноците што нели ќе дојде таму до 3,5 милијарди евра, што изнесува многу повеќе од поддршката која ја пружа македонската Влада. – истакна Славески.

OhridNews