Девизните резерви на Македонија се безбедни, изјави денеска во Охрид министерот за финансии Трајко Славевски. Според него секои други тврдења се неосновани шпекулации.

Одговарајќи на новинарско прашање за проблемите на кои посочуваат пензионерите во врска со начинот на кој ќе ги добиваат пензиите во иднина, Славевски рече дека тоа е дел од реформите во платниот промет во Република Македонија кои мора да се спроведат.

– Довршувањето на реформата на платниот промет на РМ не го истакнуваме во контекст кон приближувањето на ЕУ стандардите, но современ и стандарден платен промет е дел од тоа. Ние настојуваме да се минимизираат трансакциите што се извршуваат во кеш и оттука нема отстапување, рече Славевски. Тој  нагласи дека постојат други начини, модалитети за оние пензионери кои сепак не се во состојба самостојно да вршат банкарски трансакции. Славевски објасни  дека накои банки на пензионерите веќе им нудат исплата на пензиите на рака, со потпис на еден стандарден формулар што тие ќе го определат, а кој е пропишан како инструмент за платниот промет.

Министерот Славевски смета дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување како и до сега би можел и во иднина да ги покрива трошоците што Македонска пошта ги наплаќа за достава на пензиите на рака.

Ohridnews