” Поетска ноќ во Велестово” или ” Низ трње до ѕвездите”. Започна со невиден ентузијазам на македонскиот поет Славе Ѓорго Димоски пред 22 години, за да годинешното издание биде она што го заговаравме со години- интернационална колонија. Низ Велестово продефилираа најсјајните имиња на македонската поезија, не радува што оваа година ќе видиме и сјајни европски и светски поетски имиња, беше истакнато на прес- конференцијата по повод започнувањето на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово.


Поетската вечер ќе биде отворена со претставување на поетското творештво на Никола Маџиров. Беседа за делото на Маџиров ќе одржи академик Матеја Матевски, а стихови од неговата поезија ќе чита Томе Витанов, во придружба на музиката на Зоран Маџиров.



Вечерва за прв пат ќе го посетам Велестово со она што го пишувам. Преку одењето нагоре откриваме длабочини. Движејќи се кон кон Велестово ја откриваме светлината на ѕвездите. Многу од поетите кои учествувале ги замислуваме како ѕвезди кои повеќе не се меѓу нас. Драго ми е што академик Матеја Матески ќе зборува за она што го пишувам и што со звук ќе се пренесе низ просторот над Охридското езеро, рече Маџиров.

На отворањето на Поетската ноќ во Велестово, во тремот на црквата “Успение на Св. Богородица” ќе биде поставена и изложба на академскиот сликар Јане Бакрески-Бакре. Промотор ќе биде д-р. Иван Заров-византолог.

Особен белег годинава остава втората, промотивна вечер на која ќе бидат претставени тројца поети од светот. Насловена е како Глобално поетско село, на која преку поезијата ќе се придонесе кон зближување на културите и традициите од различните земји. Ќе земат учество француско-сирискиот поет Марам ал-Масри, турскиот Ерол Туфан и српскиот поет Миљурко Вукадиновиќ.



Среќна сум што сум повторно во Македонија која е стара античка држава за која многу сум читала. Сонував пак да ја посетам оваа земја. Првиот пат кога пристигнав овде на моите пријатели им пуштив порака преку телефон- “Добро утро од рајот”, вели Марам ал- масри.

Годинешната Поетска ноќ во Велестово ќе заврши со македонско-израелски музичко-поетски перформанс на Ронит Бергман & УНДОНЕ и со изложба на постери од Гоце Спасовски во Домот на културата.

Ohridnews