В сабота со почеток во 19 часот во Спортско рекреативниот центар „Тими“ во Струга ќе се одигра „Езерското“ дерби помеѓу екипите на Струга и Охрид. Пресметката на големите и лути ривали ќе означи почеток на возбудувањата од втората етапа во ракометната Супер лига.

Стружани против охриѓани ќе се судрат ослабени во стручниот штаб, откако предводникот Андон Бошковски поради здраствени проблеми ќе отсустува од терените. Палката ја презема Славчо Каланоси, кој одредено време веќе тренира со екипата.

Нажалост, шефот на стручниот штаб Андон Бошкоски поради здраствени проблеми ќе отсуства одредено време од клубот и ќе го пропушти дуелот со Охрид. Од мое име и од името на клубот му посакувам што побрзо да заздрави и да се врати помеѓу нас на местото каде што припаѓа. Јас ја преземам екипата и уште во првиот меч мора да се соочиме со нашиот голем ривал Охрид. Имаме некои здраствени проблеми, но до в сабота мислам дека сите ќе се опорават и со најквалитетните ракометари ќе му се спротиставиме на Охрид. – изјави Каланоски.

Каланоски сметка дека популарното „Езерско“ дерби е последно од старите ривалства во ракометот.

Без двоумење ќе кажам дека моментално ова е дерби најголемо и најстаро со оглед дека многу од старите клубови речиси да не постојат. Тежината на резултатот, навивачите и публиката го прави ова дерби посебно. Веќе недела дена се зборува за дербито, ќе се зборува и недела дена потоа, а спомените од резултатот и навивање остануваат цел живот. Струга во дербито ќе влезе без психолошки притисок за резултатот, но со голема обврска кон навивачите и публиката, додека охриѓани ќе бидат под резулатски притисок порадо бодовите кои им требаат за продолжување на борбата за учество во плејофот. Улогата на фаворитот не значи ништо, бидејќи не победува подобриот, туку оној кој ќе се бори за неа. Убеден сум дека со фер и коректен натпревар на теренот и со фер и коректно навивање на трибините ќе ги оправдаме епитетите кои ги добивме за дербито кое го одигравме во Охрид. – дополни Каланоски.

Во првата пресметка минатата сезона Охрид славеше со 26-23 против Струга, а дербито ја исполни СРЦ „Билјанини Извори“ до последно место и се бараше билет повеќе.

OhridNews