Една година по уривањето на дел од земјената брана, Слатинското Езеро е целосно испразнето. Оваа акумулација изградена во 1963 година за наводнување на плодните полиња во општина Дебарца, изобилуваше со риба. Таа непосредно по пукањето на браната целосно беше изловена и пренесена во Требенишкото Езеро и во Хидробиолошкиот завод во Охрид, со цел да се спречи еколошка катастрофа.
Концесионерот на езерото, апелира до надлежните институции да ги преземат неопходните мерки за санација на браната, со цел да се обнови рибниот фонд во Слатинското Езеро, но стравува дека тоа нема брзо да се случи.
-За жал до сега немаме информации дека нешто се презема за надминувањње проблемот. Имаме информации дека оваа брана не може да се реновира и дека мора да се изгради нова која ќе чини околу 800 000 евра и се плашиме дека за брзо време ќе се надмине овој проблем.-истакна Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“.
Од општина Дебарца информираат дека во програмата на Министерството за животна средина, оваа година, предвидени се мерки за санација на Слатинското Езеро, која, според најавите, ќе се одвива етапно.
-Оваа година во програмата за води предвидена е таква мерка, односно ќе се изработи најпрвин студија а потоа ќе се премине кон негова санација и повторно ќе го ставиме во функција Слатинското Езеро.-изјави градоначалникот на општина Дебарца Игор Трајкоски.
Трајкоски посочи дека паралелно со ова, општина Дебарца започнала со изработка на план за урбанизација на околината на Слатинско Езеро. Меѓу другото предвидени се и маркички за изградба на хотелски комплекс и други содржини кои ќе бидат ставени во функција на развој на туризмот во општина Дебарца, за што веќе имало интерес кај потенцијални инвеститори.
Горан Момироски