Со доаѓањето на летните денови, многумина ќе посакаат да се разладат со сладолед, еден од омилените десерти во целиот свет. Но, сладоледот кој го нуди еден ресторан во Њујорк не само што е ладен и сладок, туку и вреди злато. Ресторанот „Serendipity 3“ угостил многу славни личности, како Мерлин Монро и Џеки Кенеди, кои биле негови редовни гости. Ресторанот исто така послужил како сценографија за филмот „Serendipity“ од 2001 година со Џон Кјузак и Кејт Бекинсејл во главните улоги.

Сепак, вистинска ѕвезда на овој ресторан е “Opulence Sundae”, леден десерт прекриен со листови од злато кои се јадат и кои имаат 23 карати. Оние кои сакаат да го пробаат овој златен десерт мораат да го нарачаат два дена однапред, и се разбира, да издвојат илјада долари. Како што пренеле медиумите, околку 50 лица годишно го нарачуваат овој десерт кој се состои од сладолед со вкус на ванила од Тахити, прелив од најфината чоколада од Тоскана и кандирано овошје. Сето тоа се сервира во кристален сад со златна лажичка.