Слаби врнежи од снег, кои не претставуваат проблем за сообраќајот, има во Тетово, Попова Шапка, Маврово, Стража и Крушево, информира АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Најстудено изутрина е на Попова Шапка каде во седум часот се измерени минус шест степени и има снежна покривка од 83 сантиметри.

Снежна покривка има и во Маврови Анови, 20 сантиметри, Лазарополе 10, Крушево и Берово седум, Крива Паланка и Ѓуриште четири, Пожаране два и Дебар, Тополчани еден сантиметар, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

OhridNews