Уште на првиот ден од стапувањето на сила на ограничувањето на пловидба, дел од скутерџиите не ја почитуваа ваквата одлука.

Во водите на Охридското Eзеро, на потегот од плажата Инекс Горица до Славија, вчера, во попладневните часови можеа да се забележат како возат неколку скутери. И покрај тоа, тие ниту беа  казнети, ниту пак имаше кој тоа да го направи. Очигледно беше дека надлежните воопшто не беа на терен за да проверат дали се почитува забраната.

Инаку, ограничувањето на пловидба на скутери,  започна вчера  и ќе биде на сила до 20 август. Се однесува на периодот од 11.00 до 18.00 часот, секој ден и важи за целата водена површина на Охридското Eзеро.

Ограничувањето на пловидбата на скутерите е согласно Одлуката на Владата на Република Македонија која лани беше донесена заради безбедност на капачите и заштита на животната средина на природните езера и не важи само за скутерите кои се наменети за службени потреби за вршење на инспекциски, царински и полициски надзор.

За сите граѓани кои нема да ја почитуваат одлуката, пропишани се и санкции, а висината на глобата што ќе треба да ја плати прекршителот изнесува 2.000 – 3.000 евра во денарска противвреднсот за правни лица, 500 – 1.000 евра во денарска противвредност за трговец-поедниец и 300 – 500 евра во денарска противвредност за физички лица.

Ohridnews