Донесувањето на Правилникот за организирање на училишни екскурзии  е избрзано, бидејќи во неговото изготвување на биле вклучени и туристичките работници.  Ова, како што пренесува „Макфакс“, беше истакнато на годишно собрание на Стопанската комора за туризам на Македонија, на кое меѓудругото се дебатираше и за правилата и прописите за организирање на училишни екскурзии.

Претседателот на Стопанската комора за туризам Емил Димитровски истакна дека голем дел од членките на оваа комора имале поплаки на начинот на кој што се организираат и изведуваат училишните екскурзии.

„Министерството за образование пријатно не изненади што излезе со еден правилник за училишни екскурзии, но сметам дека тоа е можеби избрзано, бидејќи нема консултација со праксата“, рече Димитровски.

Според него, правилникот треба да содржи правила по кој ќе се води екскурзијата, да има стандардизација за автобусите и за сместувањето, како и да содржи прописи по кој ќе се врши изборот на изведувачот на екскурзијата.

На седницата присуствуваше и претставник на министерството за образование, кој изрази подготвеност да ги слушне сите забелешки и истите соодветно да ги разгледа.

„Носењето на правилникот со кој што ќе се регулира изведувањето на екскурзиите во основните училишта  претставува прв чекор за да не постои шареноликост и да не постои двоумење на кој начин да се изведе постапката и која е целта на екскурзијата“, изјави Елена Ивановска од Министерството за образование.

Таа негираше дека со правилникот се фаворизираат одредени туристички агенции и нагласи дека министерството за образование е отворено за секаков вид на соработка со стопанската комора за туризам.

OhridNews
извор: „Макфакс“